Официјално испитувањата ќе започнат во 2011 година, а сега се подготвува платформата од која тие ќе се вршат.
– Платформата ќе се монтира на пристаништето во Охрид. Стручните лица со кои соработуваме од Германија веќе беа тука, извршивме и консултации со Капетанијата и Министерството за транспорт и врски и можам да кажам дека се е подготвено, вели директорот на Хидробиолошки завод, Гоце Костоски.
При досегашните испитувања, вршени се дупчења на дното на помала длабочина од околу три метри. Со испитувањата кои ќе започнат во 2011 година ќе се користат сонди со кои ќе се дупчи дното на поголема длабочина од околу 300 метри, информираат од Хидробиолошкиот завод.
Податоците со кои сега се располага говорат дека езерото е старо од три до пет милиони години. Претпоставките на експертите се дека тоа датира од многу поодамна.
Испитувањата кои следуваат треба да ја утврдат точната старост на Охридското Eзеро.