На мета на крадците најчесто се цркви од руралните средини, кои не се добро обезбедени, проблем на кој СВР Охрид укажува подолг период, додава Димоски. Тој најави дека неделава ќе се одржи уште една средба со претставници на Завод и Музеј и на Дебарско-кичевската епархија на која ќе се разговара за заштита на црквите.
-Договоривме уште една средба со овие претставници за да видиме до каде сме со реализација на мерките кои што секој од нас како институција треба да ги спроведе, да видиме всушност каде лежи проблемот и зошто во изминатиот период ни се случија кражби во црквите, рече Димоски.
Според проф. д-р Сашо Коруноски, историчар на уметност и декан на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, ваквите појави се должат на тоа што културното наследство не е добро обезбедено.
-Треба да се внимава на сите вредности, иако секогаш не се работи за значајни артефакти, но каква и да е вредноста кражбите треба да се спречат. Во најголем дел ваквите артефакти се инвентаризирани, а огромен дел е валоризиран, односно утврдена е нивната уметничка вредност и доколку имаме некои вредни дела во селските средини мора да се поведе поголемо внимание за нивна заштита, вели професорот Коруноски.
Украдените икони преку добро разработени канали најчесто завршуваат во приватни колекции и многу е тешко тие да се повратат, иако по нив трагаат бројни меѓународни институции.
– Украдените икони, меѓу кои и вредните дела од манастирот во Свети Наум и други се регистрирани и по нив се трага, но за жал најверојатно се наоѓаат во некакви приватни колекции кои не смеат да го видат светлото на денот, бидејќи веднаш би се препознале. Тие се знаат, има фотографии за нив и не е така лесно да се изложат јавно.-вели Коруноски
Коруноски смета за да се заштити културното наследство потребно е објектите во кои се чуват вредни реликти подобро да се обезбедат, но и да се осигураат.
-Треба да се пристапи кон разработка на сериозен систем на осигурување на вредните дела во сакралните објекти. На тој начин ќе се подобри и системот на заштита, затоа што секоја осигурителна куќа за да ги осигура тие артефакти ќе бара да види колку и како се заштитени тие објекти, во каква состојба се наоѓаат и ќе ги поттикне оние кои што сакаат да ги осигураат да преземат мерки за подобрување на нивната сигурност.-рече Коруноски.
Коруноски укажува дека постојат повеќе модели на осигурување на вредните сакрални објекти и дека тоа одамна е практика во светот.