Наместо да исполнуваат ХАСАП стандарди, локалните производители да имаат одлична производна и хигиенска пракса, односно нивните производи да имаат постојаност во квалитетот и да поседуваат одлични хигиенски услови. Ова се измените на законот кои по иницијатива на организацијата Слоу Фуд во Македонија, се побарани да се извршат од страна на министерството за земјоделство. Со вака изменетиот закон, би се овозможило охридските угостители да можат да набавуваат производи од локални произведувачи, што всушност е и основната препорака на познатите светски шефови на кујна во однос на понудата во рестораните-гостите да избираат помеѓу јадења подготвени исклучиво со локални производи.

  • Направивме притисок до министерството за земјоделство за да се направат одредени измени, сметам дека за кратко време ќе се имплементира нов закон. Гостите јадат охридски домат, цреша, но не знаат дека се работи за локални производи. Црешата еве ја заштитивме, можеби понатаму и доматот ќе влезе во процедура на заштита, тоа е многу важен момент каде што додаваме вредност на она што го нудиме. Да се знае дека таа цреша е од овој регион и ја нема на друго место. Сепак тука е и умешноста и на шефот и начинот на презентација на производите, вели проф.д-р Ангела Крстаноска од ФТУ, член на Слоу Фуд Македонија.

Од локалната самоуправа информираат дека во оваа насока, од нивна страна веќе е изработена физибилити студија за откупно дистрибутивен центар во која се дефинирани сите услови во однос на производството и побарувачката на локални производи што е надоврзување на процесот на набавка на овие производи, односно потешкотиите во процесот на набавка.

  • Следно во план за оваа година е да се дефинираат локации за таков дистрибутивен центар и останува само уште основниот проект врз основ на локацијата и физибилити студијата која има предвидено неколку модели на ваков центар. Се надеваме дека во скора иднина, дали тоа ќе биде преку јавно приватно партнерство или проджба на земјиште, ќе дојдеме до изградба на тој центар кој ќе биде спона помеѓу производителите и угостителите. Бидејќи, за да се вметне одредено мени во некој ресторан, составено од локални производи, мора тие да се достапни барем во сезоната во која растат, вели раководителот на Секторот за локален економски развој, Ѓоко Апостолов.

Надлежните потенцираат дека ваквиот центар ќе овозможи да биде загарантиран и квалитетот и пласманот на локалните производи.

Т.К.