На патиштата и улиците во Охридскиот регион,  во последните 6 години се случиле вкупно 3.473 сообраќајни незгоди во кои 48 лица загинале, 215 биле тешко, а 838 полесно повредени. Според податоците на СВР Охрид, само во годинешново деветтомесечје се случиле 434 сообраќајки во кои животот го загубиле 4 лица, 33 се здобиле со тешки, а 161 лице со лесни повреди.


-Полициската статистика говори дека за последните 6 години најмногу несреќи во охридскиот сообраќај се случиле во 2004 година или вкупно 847 сообраќајки. Најмногу, или по 12 лица загинале во 2007 и 2008 година. 2008 година е  најфатална и според бројот на повредни во несреќите, според статистиката во текот на истата потешко се повредиле 47, а полесно 212 учесници во сообраќајот.-вели Стефан Димоски, потпарол на СВР Охрид.

Стистиката говори дека од година во година се случуваат помалку сообраќајки, но бројот на настраданите и повредените се зголемува. На пример во 2008 се случиле 394 сообраќајки помалку од 2004 година кога се регистрирани 847 несреќи. Што се однесува до бројот на загинатите во 2004 имало 6 загинати, а во 2008 година овој број пораснал на 12 жртви. И бројот на повредени помеѓу овие две години бележи големи разлики. Во 2004 потешко се повредиле 36 учесници во сообраќајки. Овој број континуирано се зголемува до 2008 година. кога се евидентирани вкупно 47 вакви повредени. Крактеристичен е фактот што стаистиката  најголемо зголемување бележи кај лицата со полесни телесни повреди. Во 2004 имало 110 полесно повредени, а во 2008 година овој број двојно се зголемил, односно во оваа година полесно се повредиле дури 212 учесници во сообраќајот.


-Главен виновник за несреќите со жртви во охридскиот регион, во најголем дел се случуваат од преголемата брзина на движење на возилата. На второ место како причина за несреќите е возење во алкохолизирана состојба. На трето место како виновници за несреќите се евидентираат пешаците, поради неправилно преминување на улици или коловози.-објаснува Димоски.


Според светската статистика на сообраќајни незгоди, на секои две секунди во светот се случува сообраќајна несреќа, на секои 15 секунди има повреден учесник во сообраќајот, а на секои 30 секунди во сообраќајка гине по едно лице. Годишно, низ светот во сообраќајни несреќи животот го губат околу 1,3 милиони животи од кои 260 илјади се деца.


СВР Охрид во соработка со црвениот крст утре со низа едукативни манифестации ќе го одбележи Светскиот ден (недела) на сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи. На плоштадот кај Чинарот, ке биде поставен штанд каде припадници на сообраќајната полиција и активисти на Црвениот крст, ќе делат пропаганден материјал со превентивни и корисни содржини за сите учесници во сообраќајот. Исто така на повеќе пунктови низ градот ќе се вршат сообраќајни контроли, а предвидени се и други превентивни активности.

Е.Е.