Полека изминува првата недела од масовната вакцинација во земјата, која се одвива во повеќе регионални пунктови, меѓу кои и Охрид. Според информациите од лекарскиот тим одговорен за вакцинацијата во Охрид, за 5 дена во регионалниот центар во спортската сала „Билјанини извори“ вакцинирани се 4591 лице.

Вакцинираме во просек околу 1000 лица дневно. Интересот е добар, а уште подобро е тоа што до сега нема пријава за несакани последици од вакцинацијата. – вели Д-р Горан Балевски, директор на Општата болница Охрид.

Д-р Балевски е оптимист дека доколку продолжи ваквиот интерес за вакцинација, здравствената состојба во Охрид значително ќе се подобри, односно ќе се создаде колективен имунитет.

Ќе биде многу добро доколку успееме да вакцинираме 15000 жители на Охрид. Вакцинацијата засега се одвива во најдобар ред, интересот е задоволителен, а веќе се прави организација на регионалниот пункт за ревакцинацијата која треба да почне на 25 мај. – истакнува Д-р Балевски.

Министерството за здравство информира дека заклучно со вчера, во земјата вакцинирани се вкупно 107.978 граѓани, а на веб-платформата „vakcinacija.mk“ се пријавиле 279.909 лица.

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата „vakcinacija.mk“ е 279.909 граѓани. –  соопштуваат од министерството.

Прва доза вакцина вчера примиле 10.845 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 11.857 граѓани

Г.М.