За 20% е зголемен бројот на патници на охридскиот аеродром, а Секторот за внатрешни работи Охрид и Регионалниот центар за гранични работи Запад се подготвени за безбедна туристичка сезона, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски при денешната посета во Охрид.
Денеска остварив работна посета на Секторот за внатрешни работи Охрид и Полициската станица за граничен премин „Св. Апостол Павле“ на Аеродромот во Охрид. Позитивна констатација е дека имаме зголемување на патниците на овој граничен премин како и на сите гранични премини во рамки на Регионалниот центар – Запад. Во споредба со истиот период лани, оваа година имаме за околу 20% зголемен број на патници на граничниот премин на aеродромот, а за околу 30% на граничниот премин „Блато“ кај Дебар, рече Тошковски.
Посочи дека како Министерство фокусот е ставен на зголемување на техничките услови и човечките капацитети со кои ќе може соодветно да одговорат на овој зголемен број на патници во овој временски период.
Добро е што имаме зголемена размена на туристи и сакаме тој број константно да расте, што повеќе туристи да ги видат убавините на Охрид и Македонија. Ние како Министерство и Секторот за внатрешни работи Охрид ги преземаме сите потребни предуслови да може сите туристи во претстојната сезона да бидат безбедни и да уживаат во својот одмор, како во рамки на СВР Охрид, така и на територијата на целата држава, додаде Тошковски.
Н.С.Ј.