Видео клип  од прослава поврзана со празникот Водици, кој беше употребен во кампањата за локалните избори и поставен на интернет сервисот “YouTube”, ги скара здружението на граѓани „Богојавление“ и сопственикот на продукцијата „Пржин“, Горан Пржинов.

На својата интернет страница деновиве „Богојавление“ објави дека: „поради предавство и презентирање на видео материјали од архивата на активностите на здружението, на веб страницата “YouTube”, го исклучува од своите редови Горан Пржинов“.

Пржинов демантира дека бил исклучен од „Богојавление“, затоа што, како што тврди, тој не бил член на здружението. „Не е точно дека на вашиот “редовен состанок” бев исклучен од членството во здружението Богојавление . Доколку имавте редовен состанок а јас бев член на вашето здружение, требаше да бидам уредно и навремено поканет. Арно ама ако Вие правилно си ја водите работата и наместо со песна, алкохол и жива музика на Вашите таканаречени “состаноци”, проверевте во вашата архива (ако ја имате)  ќе видевте дека јас не сум активен член, а со тоа не сум учествувал во никакво својство веќе две години во Вашето здружение“, вели Горан Пржинов во својата писмена изјава по повод одлуката на „Богојавление“.

Како причина за прекинот на соработката со „Богојаление“ , тој го наведува некоректниот однос кон него како организатор и спонзор кој, како што вели,  “донирал повеке од 5000 евра за снимањето и директниот сателитски пренос со кој за прв пат Водици се пренесуваше низ целиот свет“. Пржинов, понатаму во соопштението, ги отфрла тврдењата дека на”YouTube” емитувал снимка од архивата на здружението, оценувајќи ги истите како голема лага:

„Видео снимката е преработена верзија од оригиналот, а членовите на Вашето здружение ја одобрија изработената верзија. Направени се копии за повеќето присутни на денот на предавањето на кумството. Всушност и самите знаете дека дел од присутните гости беа  противници на политичката опција која вие како”граѓанско здружение“ не требаше отворено да ја подржувате на последниве локални избори. На „you tube“  без потпис секој може да емитува што сака.
Тогаш зошто ТВРДИТЕ дека јас сум емитувал архивска снимка???
Мојата работа е секогаш потпишана од мојот бизнис или од моите коминтенти како нарачатели на производот.Тоа најдобро го видовте на рекламните спотови од локалните избори на кои како нарачател на истите потпишано беше ВМРО-ДПМНЕ !
Ако не ми верувате, слободно обратете се кај мојот коминтент ВМРО-ДМПНЕ, сигурен сум дека со задоволство ке ви објаснат многу нешта, само не мислам дека ќе имате храброст да ги прашате. ПРЖИН продукција заради својата професионалност и квалитет е реномиран бизнис на локално и републичко ниво. Исто како вашиот заменик претседател кој за пари го служи секој гостин во неговата кафана, така и Пржин продукција професионално работи за своите коминтенти без разлика на која политичка опција и припаѓаат, што не е случај со вашето приватно здружение“, се вели меѓу другото во соопштението за јавност на Пржинов.

Тој смета дека „Богојавление“ донело избрзана одлука, и најави судска разврска на случајот доколку не добие извинување од здружението. „ Богојавление избрза со неоснованите тврдења кои го дискредитираат мојот бизнис, а воедно и мојата личност, само затоа што работев за политичка опција која здружението не ја подржа на последните локални избори. Доколку не добијам јавно извинување ќе бидам приморан да тужам за клевета “, вели сопственикот на “Пржин“ продукција, Горан Пржинов. Според него “Богојавление“ е приватно здружение кое треба да одговори зошто нема соработка со високите црковни личности за празникот Водици, кој, како што вели,  православните верници  го славеле и организирале со чиста душа многу одамна пред да се појави здружението. 

Ohridnews