Мнозинство од 52 отсто британски гласачи се изјасниле Обединетото Кралство да остане во Европската унија, покажала анкетата којашто ја спровел YouGov, објави телевизијата Sky News.

 

Според Sky News, испотувањето на агенцијата YouGov покажала дека 52 отсто од гласачите се определиле за Европската унија, додека 48 проценти за излегување.

Анкетарите на YouGov запрашале 5.000 избирачи кој одговор го заокружиле, меѓутоа анкетата на оваа агенција не е усогласена со стандардите на вообичаените излезни анкети за кои претходно беше соопштено дека нема да бидат објавувани, токму поради маргината на можната грешка.

Ширум Велика Британија во четвртокот навечер во 22 часот по локално време беа затворени гласачките места, околу 41.000, на кои Британците се изјаснуваа за иднината на својата земја во Европската унија, а резултатите од овој обврзувачки референдум напнато се исчекуваат како во самата Британија, така и во Европа и во другите делови од светот.

Броењето на гласовите започнува веднаш по затворањето на избирачките места. Првите официјални резултати можни се по полноќ. Првите назнаки дали Британија ќе остане во или ќе ја напушти ЕУ можни се околу 3,30 часот наутро во петокот. Резултатите ги собираат 12 регионални изборни комисии и ќе ги испратат во центарот во Манчестер. Објавувањето на официјалните резултати ќе биде во тамошниот градски совет, најверојатно во петокот наутро.

Малку по 23 часот по средноевропско време Гибралтар прв објави, бидејќи таму избирачките места се затворени поради тоа што е во различна временска зона, дека на неговата територија излезноста била 83,65 отсто.

OhridNews
извор: „Макфакс“