Точно напладне кај Свети Наум, на патеката долга 30 километри, во водите на Охридското Езеро ќе запливаат 11 маратонци во машка и шест во женска конкуренција.
Во последен момент учеството поради повреда го откажа германецот Студзински. Првите натпреварувачи се очекува да допливаат на целта кај охридското пристаниште по 17 часот. Меѓу познатите имиња, во Охрид допатува петкратниот победник на Охридскиот маратон Петар Стојчев од Бугарија, кој важи за апсолутен фаворит на денешната трка.
Годинава за прв пат охридскиот маратон нема да се плива во рамките на светската серија маратони туку како Гран При (Grand Prix) трка. Причина е тоа што патеката во Охрид е подолга од 10 километри, како и висината на наградниот фонд.
Покровител на Меѓународниот охридски пливачки маратон е претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски, делегат на маратонот од Меѓународната пливачка федерација ФИНА е Валерус Деловац, а главен судија – Соња Думбалова. Поради презафатеност на претседателот, стартот на маратонот ќе го означи градоначалникот на Охрид Александар Петрески.
ohridnews