Дури две третини од светската популација се смета себеси за религиозна покажува истражувањето на WIN/Gallup, асоцијацијата со чиешто истражување биле опфатени 64.000 луѓе од 65 земји во светот.

Во истражувањето е опфатена и Македонија, каде што 88 отсто од граѓаните коишто учествувале во истражувањето рекле дека себеси се сметаат за религиозни, осум отсто се изјасниле како нерелигиозни, два отсто се атеисти, а останатите три процента  не се изјасниле.

Од сите земји во светот, најрелигиозна е Тајланд со 94 отсто религиозни жители. Само еден процент од Тајланѓаните изјавиле дека се сметаат себеси за атеисти. Најмалку религиозни земји се Јапонија и Кина, со 13 односно седум отсто религиозни жители. Истражувањето покажало дека младите се многу порелигиозни, а дури две третини од младите на возраст од 34 години се сметаат себеси за верници.

„Можеме да забележиме дека бројот на религиозни луѓе е релативно висок. Исто така, моментално владее тренд поради кој сé повеќе млади на глобално ниво стануваат порелигиозни. Можеме да претпоставиме дека бројот на верниците од година во година сé уште расте“, изјави Жан Марк Лежер, претседател на WIN/Gallup асоцијацијата.

Исто така, иако досега се верувало дека образованието воопшто нема влијание врз религиозноста, истражувањето покажало дека дури 80 отсто од необразованите луѓе се религиозни, за разлика од 60 отсто од оние кои имаат средно и високо образование.

Речиси на сите континенти религијата е многу застапена, освен во Австралија и Западна Европа, каде што 44 отсто од жителите се сметаат себеси за верници. Во 2100 година, исламот ќе биде доминантна религија во светот, а во наредните 35 години значајно ќе опадне бројот на атеистите, освен на западниот дел од планетата.

OhridNews

Извор:„Макфакс“