Владата на последната редовна седница го прифати предлогот на министерството за образование и наука за поведување на постапка за водење на преговори за склучување на договор за заемно признавање на професионалните квалификации за доктори по медицина, стоматолози, архитекти и градежни инженери меѓу земјите од Западен Балкан.

Целта на договорот, како што соопшти владата, е да се зајакне регионалната трговија на услуги, врз основа на CEFTA протоколот 6 за Трговија со услуги со намалување и елиминирање на препреките за слободно движење на експерти и професионалци во регионот, но и согласно целите и приоритетите предвидени со Стратегијата за Југоисточна Европа 2020 и повеќегодишниот план за регионална економска зона, а со цел отстранување на препреките за признавање на професионалните квалификации. Договорот исто така би ја зголемил и мобилноста на професионалците, а ќе придонесе и за подобро спојување на вештините со потребите на пазарот на трудот и зголемена продуктивност.

На предлог на министерството за правда, Владата ги прифати предлог-законите за изменување и дополнување на законот за извршување и на законот за нотаријат. Главната цел на овие измени е намалување на трошоците на најсиромашните граѓани кои не можат да си ги платат сметките за комунални трошоци и кои земаат мали потрошувачки кредити.

Во постапките пред нотарите овие граѓани ќе бидат ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност. Додека во постапката пред извршителите, според измените на законот, дури 16 ставки за кои досега граѓаните плаќаа одредена сума, со новата тарифа тие ќе бидат целосно бесплатни. Со предлог-законот за изменување и дополнување на законот за извршување, воедно се имплементираат стратешките приоритети на државата определени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, особено во правец на намалување на трошоците за граѓаните во сите постапки, вклучувајќи ја и прекршочната, соопшти Владата.

OhridNews