Екипите на МЗТ Скопје и Раднички од Крагујевац ќе се сретнат во финалето од меѓународниот турнир во кошарка „Трофеј Охрид 2013“. Во полуфиналето „штрковите“ со убедливи 104-80 го совладаа Металац иако немаа баш најдобар почеток во 1/2 финалниот меч.
– Одигравме слабо во одбраната во првото полувреме, а нападот си беше на висина на задачата. Во нападот игравме течно, топката се движеше како што треба, а затоа говорат и вкупниот број на постигнати поени во првиот дел. На полувреме ја променивме играта во одбрана. Не им дадовме можност да ја движат топката како што беше во првиот дел и резултираше со лесни поени и на крајот победа за нас, која не одведе во финалето – рече стратегот на МЗТ Скопје, Влада Вукоичиќ.
Претходно во неизвесна завршница Раднички со 77-75 го совлада бугарски Лук Оил и се пласираше во финалето. Тренерот на МЗТ, Вукоичиќ смета дека мечот со србите ќе биде за сите кошаркаски гурмани.
– Нашиот противник во финалето Раднички е чекор понапред од нас во подготовките и тоа се забележа на нивниот натпревар во полуфиналето каде одиграа во еден здив. Прв пат ја имам цела екипа на располагање, за да можиме да искобинираме нешто. Ќе биде добар натпревар, двете екипи сме квалитетни и нека победи подобриот – заклучи Србинот.
Мх.П.