Откако стана јасно дека Ренато Вугринец ќе ја напушти Металург и државава и ќе премине во катарската Лахвија словенецот со македонски пасош проговори за ситуацијата во клубот од Автокоманда.
– Мојата првенствена цел беше да останам во Металург, но клубот реши да сврти нова страница, а во новонастанатата ситуација веќе не се гледам. Сакав да помогнам, но работите се развиваа така како што се развиваа. И претходно се пишуваше за трансфер во Катар, но последната понуда од пред два дена од Лахвија ја прифатив и таму ќе бидам до крајот на сезоната. Имам 40 години и пред крајот на кариерата, но и во иднина останувам отворен за каква било соработка и помош од секој вид во клубот. Им благодарам на сопственикот, на Лино Червар и на соиграчите за сè и им посакувам многу среќа во остварувањето на следните цели – рече Вугринец.
Заминувањето на Истокот нема да значи и збогување со македонската репрезентација за која настапи на Светското првенство во Катар.
– За тоа потоа. Јас сум подготвен за соработка, сè е работа на договор – рече за „Македонски спорт“, Вугринец.
За популарниот „Вуги“ ова нема да биде прво искуство во далечниот исток, тој во сезоната 2011/12 настапувал за Ал Саид.
Ohridnews