Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека Србија не користи трикови и дека ќе го исполни и ќе работи на спроведување на сето тоа што го кажал во Охрид и покрај тоа што не мисли дека Приштина ќе ја исполни својата единствена обврска, а тоа е да ги почитува договорите постигнати во дијалогот, да формира Заедница на српските општини, јави дописникот на МИА од Белград.
Тоа што веќе го кажав е дека нема говор за членство во Обединетите нации, како и за организации, институции и агенции на ОН и – нема признавање, кажа Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата со шефот на италијанската дипломатија Антонио Тајани дека дел од црвените линии за кои зборува ги гледа како начин да се избегне спроведувањето на договорот.
Ние, за разлика од нив, посочи Вучиќ, никогаш не сме се користеле со трикови, секој ден го повторувам тоа што го кажав во Народното собрание, како и она што им го кажав во Охрид, Брисел и на (западната) петорка во Белград, и мојот став ни јота се нема сменето пред никого.
За Србија е правно обврзувачко кога на нешто ставам потпис или печат, или кога вербално или усно се согласувам. И никој друг не може да произведе правни последици за Србија освен нејзиниот претседател и во некои случаи премиерот или министерот за надворешни работи. Што се однесува до исполнувањето, Србија ќе го исполни и ќе работи на имплементација на сè што рече дека ќе направи, и покрај тоа што не мислам дека Приштина ќе го исполни она што е единствената обврска, а тоа е да ги почитува договорите постигнати во дијалогот и да формира ЗСО. Значи, се што кажавме дека ќе работиме на имплементација, ќе го направиме, а она што го кажав дека нема, а тоа му го повторив и на Тајани денеска, е дека нема говор за членството во ОН, организации, институции и агенции ОН и нема признавање, рече Вучиќ.
Според него, сè друго што значи вистинска нормализација на односите, нормални односи меѓу Србите и Албанците и многу подобри односи без тензии и конфликти, Србија е подготвена да го спроведе и Србија ќе ги имплементира.
А дали некој друг ќе го спроведе, ќе видиме, па јас ќе ги прашам кој користел трикови, а кој не, истакна Вучиќ.
Тој посочи дека Србија стои на зборот и дека зборот на Србија нешто и значи и дека се плаши дека дури и нечии потписи не значат ништо до денес, бидејќи, како што рече, „ако не беше така, тогаш 10 години по потпишувањето на договор, не би зборувале за ЗСО како што зборуваме денес“.
OhridNews