Челникот на Српската напредна партија (СНС) и доскорешен премиер, Александар Вучиќ прогласи изборна победа на вонредните парламентарни избори во Србија.
На прес-конференцијата во седиштето на СНС, Вучиќ соопшти дека листата „Србија победува врз основа на преброените гласови од 77 отсто од избирачките места освоила повеќе до половината од гласовите, односно 50,9 отсто, нарекувајќи го овој резултат „најдобриот во историјата на Србија во последните дваесет години“.
„Денешните резултати се силна поддршка за нашата демократијата, за реформите и евроинтеграцискиот процес, а покажавме и себеси и на светот дека Србија е обединета во желбата за подобра иднина“, порача Вучиќ.
Наведувајќи ги резултатите на другите партии, рече дека листата на Социјалистичката партија на Србија (СПС) на Ивица Дачиќ освоила 11.2 отсто, Српската радикална партија (СРС) на Воислав Шешељ 7,39 отсто, а коалицијата предводена од Демократската партија (ДС) на Бојан Пајтиќ 5,44 отсто од гласовите. Според податоците што ги соопшти досега владејачката СНС,под изборниот праг според прелиминарните резултати се ДСС – Движењето Двери, коалицијата предводена од поранешниот српски претседател Борис Тадиќ, Ненад Чанак и Чедомир Јовановиќ – СДС-ЛСВ-ЛДП, и движењето Доста беше. Прелиминарните податоци на Центарот за слободни избори и демократија (ЦЕСиД) покажува победа ба СНС со 51 отсто од гласовите,агенцијата ИПОС оценува дека партијата на Вучиќ освоила околу 48 отсто од гласовите, а здружението ЦРТА на „напредњаците“ им предвидува победа со 52,9 отсто.
Истовремено влегување во српскиот парламент прогласи и движењето Доста беше, на поранешниот министер на Вучиќ за економија, Саша Радуловиќ, кој оцени дека „режимот е во сериозен проблем“ бидејќи во 22 часот уште немал сигурни изборни резултати.
Водечките опозициски партии и коалиции оценија дека изборниот процес минал со бројни нерегуларности и најавија приговори до Републиката изборна комисија и тужби.
Во неделата во Србија се спроведуваа вонредните парламентарните избори, покраинските избори во Војводина, како и изборите за советите на општините и градовите.
Според официјално непотврдените информации, излезноста на гласачите била поголема отколку на вонредните парламентарни избори пред две години, кога на власт дојде коалицијата предводена на Српската напредна партија (СНС), на досегашниот премиер Александар Вучиќ. Податоците покажуваат, исто така, на покраинските избори во Војводина излегле повеќе избирачи отколку во централна Србија.
OhridNews
извор Макфакс