Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбите со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека разговарале за сите важни прашања, вклучително и енергетиката, во чии рамки побарал од Ердоган да и помогне на Србија со тоа што Турција да овозможи простор за пренос на азербејџанската струја, јави дописникот на МИА од Белград.
Го замолив Ердоган да ни помогне, ако е можно, бидејќи тоа ќе биде огромна поддршка… Го замолив да ни обезбеди простор за пренос на азербејџанската електрична енергија во Србија, што многу тоа ќе ни олесни и ќе ни значи за време на зимата, рече Вучиќ на прес конференцијата со Ердоган.
Како што кажа, на средбата се разговарало за инфраструктурни проекти и поврзувањето со БиХ, за трговската размена на двете земји која е во подем, соработката во рамките на министерствата за одбрана, за поголема воена и соработката на наменските индустрии.
Не кријам и не се срамам, не ни криевме, дека сакаме да купиме дронови Бајрактар. Сите ги сакаат тие дронови, застанавме во ред и верувам дека следната година Србија може да ги добие. Ние сме подготвени да платиме повеќе пари, од првично договорените неколку десетици до неколку стотици милиони евра, рече Вучиќ.
Вучиќ и се заблагодари на Турција за поддршката на „Отворен Балкан“ и за зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот.
Тој кажа дека разговарале за ситуацијата во Украина, прашањето за санкциите против Русија, како и за стабилноста во регионот, колку е важно да се зачува мирот и ги повтори изјавите за интегритетот на Босна и Херцеговина.
Додадов и за почитувањето на Дејтонскиот договор и за интегритетот на Република Српска во рамките на Босна и Херцеговина. Разговаравме за односите меѓу Србите и Бошњаците, но и за трилатералната средба меѓу Турција, Босна и Херцеговина и Србија, рече Вучиќ.
Претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган на прес конференцијата изјави дека се надева оти во блиска иднина ќе се постигне договор за регистарските таблички со Косово, како и кога станува збор за други спорни прашања.
Многу сме задоволни што е постигнат договор кога станува збор за преминување на границите со лични карти меѓу Србија и Косово. Кога станува збор за регистарските таблички, се надевам дека ќе се постигне договор што е можно поскоро, како и за други проблематични прашања, рече Ердоган и посочи дека Турција ќе продолжи искрено да го поддржува решавањето на проблемот преку дијалог.
Кога од нас се бара помош, ние придонесуваме со сите средства што ни стојат на располагање, и со конструктивен и со непристрасен пристап. И ние сме подготвени да го направиме она што е дел од нашата улога кога станува збор за страните во БиХ да се состанокот во формат за да се постигне помирување во трите заедници, рече Ердоган.
На средбата на српскиот и турскиот претседател во Белград беа потишани повеќе договори и меморандуми, меѓу кои и Протоколот за измени и дополнувања на Договорот за реципрочно укинување на визите, Договор меѓу владите на двете земји за заемно поттикнување и заштита на инвестициите и други.
OhridNews