Србија е заинтересирана за купување на одредена количина на течниот гас од ЛНГ терминалот во Александрополис, а многу важен е и коридорот Будимпешта-Белград-Скопје-Солун-Пиреја-Атина, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во разговор со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу во Белград.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Сакеларопулу наведе дека ставот на Атина, кога станува збор за непризнавање на независноста на Косово, останува непроменет и стабилен, јави дописникот на МИА од Белград. Вучиќ на заедничката прес-конференција со Сакеларопулу истакна дека разговарале и за енергетското поврзување во наредните години и оти Србија покажала интерес за купување одредени количини течен гас во Александрополис.

Тој кажа дека со претседателката на Грција разговарал и за инфраструктурното поврзување на двете земји и дека ја запознал со она што се гради низ Србија.

Ќе ја завршиме брзата пруга до унгарската граница за помалку од две години, а почнуваме да ја градиме и брзата пруга до Ниш, а подоцна и до границата со Северна Македонија, многу важен за нас е коридорот Будимпешта-Белград-Скопје-Солун-Пиреја- тина, истакна Вучиќ.

Тој додаде и дека Пиреја и Солун се важни и заради карго сообраќајот, бидејќи е поевтин пристапот до стоки преку море.

Вучиќ рече дека поради поврзаноста на два народа, важен е и патничкиот сообраќај, што тоа би го олеснило.

Вучиќ очекува нов бран грчки инвестиции во Србија, како и српски вложувања во Грција. Тој изјави дека ја информирал претседателката на Грција дека Србија привлекла повеќе од 62 отсто од вкупните странски директни инвестиции во Западен Балкан и оти смета дека овој тренд ќе продолжи.

Српскиот претседател посочи дека ги анализирале состојбите во Југоисточна Европа, но и на целиот континент и во светот, а се разговарало и за билатералните односи.

Србија и Грција ја потврдија својата посветеност и поддршка на принципите на Повелбата на ОН и резолуциите на ОН за територијалниот интегритет на едни со други, како што тие го поддржуваат нашиот, ние исто така го поддржуваме интегритетот на Република Грција на копно, море, острови и воздух, таа политика нема да се промени, рече Вучиќ и се заблагодари на Сакеларопулу за нејзината јасна поддршка за интегритетот на Србија.

Грчката претседателка Сакеларопулу изјави дека позицијата на Грција кон Косово останува непроменета.

Мојата земја отсекогаш имаше мислење дека Србија припаѓа на европското семејство. Го поддржуваме дијалогот меѓу Белград и Приштина и неодамнешните разговори. Нашата цел е да ја зајакнеме економската позиција на Србија. Нашата позиција во однос на Косово останува непроменета и стабилна, рече Сакеларопулу.

OhridNews