Министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ денеска изјави дека утринава немало инциденти на северот на Косово, но дека „атмосферата е напната и дека е доволно едно чкорче да се запали за да се отиде во непосакувана насока“, јави допсиникот на МИА од Белград.

Вучевиќ за телевизијата Прва изјави дека „Приштина во текот на мандатот на Курти прави низа еднострани потези кои имаат за цел да не се почитуваат сите договори кои на некој начин биле постигнати“.

Тоа е јасна порака до Србите дека тие таму не се добредојдени, рече Вучевиќ.

Во врска со информациите од косовските медиуми дека се слушнале експлозии при вчерашниот обид на членовите на општинските изборни комисии да влезат во општинските згради на северот на Косово поради организирање на предвремени локални избори бојкотирани од Српска листа, Вучевиќ рече дека тоа е „глупост“.

Тој оцени дека врз Србите на северот на Косово се спроведува „многу организиран терор“ од страна на администрацијата на Албин Курти и дека целта на акциите што ги спроведуваат е „да се вознемират, исплашат и протераат Србите“.

Во меѓувреме Владата на Србија донесе Регулатива со која ќе се овозможи продолжување на регистрацијата на моторните возила со српски ознаки на градовите од Косово.

Станува збор за Уредба за посебните услови за важење на регистрацијата на моторните возила кои имаат регистерски ознаки на градови и општини на територијата на Косово, која од денеска стапува во сила.

Како што соопшти Владата на Србија, со донесувањето на оваа регулатива, отсега па до натаму ќе им биде продолжена регистрацијата на сите возила со ознаки KM, PR, GL и на имињата на другите српски градови на територијата на Косово.

Овие возила како и досега ќе можат слободно да се движат во сообраќајот, со поседување на задолжително осигурување и доказ за технички преглед на возилото, не постар од една година. Владата ја донесе одлуката во согласност со прописите за регистрација на моторни возила на надлежните органи на Србија, како и постигнатиот договор во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина за спречување на ескалација на ситуацијата и продолжување на барањето за трајно решение на проблемот со регистарските таблички на моторните возила на подрачјето на АП Косово и Метохија, се наведува во одлуката на Владата.

OhridNews