Тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ, најави максимално залагање на неговиот тим во обид в среда да биде забележана првата победа во новата сезона од ракометната Лига на шампиони.

 

 

Во последните седум дена одигравме четири натпревари, а ако ги сметаме и претстојните две со Мешков и Еурофарм, тоа ќе бидат шест во 14 дена. Вардар во овој момент нема екипа да одигра толкав број натпревари, а тоа да не биде без последици. Но, ајде да не гледаме се црно, ќе излеземе на терен со цел да се надминеме себе за да дојдеме до позитивен резултат против квалитетниот противник. Но сакам да нагласам дека Вардар без нашите навивачи не е истиот тим. Затоа, апел до Комити да дојдат во голем број. Тие многу ни значат, а ние ќе се обидеме да им возвратиме со пожртвувана игра. Ќе го оставиме срцето на паркетот да го добиеме натпреварот, изјави Вујовиќ.

Предводникот на „црвено-црните“ очекува играта во одбраната да го реши натпреварот со белорускиот претставник.

Мора да играме цврсто во дефанзива. Мешков за секој гол мора да „искрвави“ на теренот. Ако бидеме на ниво и ако нашите голмани имаат свој ден, ќе имаме шанса за триумф.

Натпреварот, Вардар – Мешков Брест од 2.коло во елитното натпреварување, ќе се игра во среда (22 септември) во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје со почеток во 20 часот и 45 минути.

OhridNews