Фудбалерите на Лабуништа не ја оправдаа фаворитската улога и освоија само бод во дуелот со Генч Калемлер на домашен терен. Натпреварот од 21-та рунда во Втората македонска фудбалска лига-запад заврши без голови 0-0.

Избраниците на Пепи Џигероски не ја капитализираа иницијативата на теренот во првото полувреме. Двете најзрели шанси за погодок во првите 45 минути ги имаше Аздрен Мена. Во првиот обид потесната одбрана од гостинскиот состав расчисти од гол линијата, а при вториот маестрално реагираше голманот на Генч Калемлер, Амир Јашар.

Сликата во второто полувреме не се промени. Лабуништа го диктираше темпото и имаше посед на топката. Во 64-та минута одново херој на гостите беше голманот Јашар кој не дозволи домашна радост после ударот на Мирослав Јованоски. Фудбалерите на Генч Калемлер во финишот преку Елмир Алији имаа можност да го освојат целиот плен, но чуварот на мрежата на Лабуништа Раиф Мисерловски беше на вистинско место и бравурозно реагираше.

И покрај ремито Лабуништа остана на втората позиција на табелата, но Струга Трим Лум се одлепи за дополнителни два бодови, откако славеше со 6-0 против Гоблен Јуниор пред своите гледачи во Радолишта. Стружани се лидери на табелата со 43 бодови.

Резултати: Велазерими – Кораб 2-0, Лабуништа – Генч Калемлер 0-0, Гостивар – Пелистер 2-2, Скопје – Тетекс 1-1, Струга Трим Лум – Гоблен Јуниор 6-0.

Табела: Струга Трим Лум 43, Лабуништа 35, Гостивар 31, Пелистер 30, Скопје 28, Велазерими 28, Кораб 23, Тетекс 23, Генч Калемлер 22, Гоблен Јуниор 20.

OhridNews