На 16 април, четврток, во хотел Дрим- Струга, ќе се одржи втората работилница во рамки на проектот „Формирање на Бизнис центар за поддршка и консултативни услуги за малите и средните претпријатија во Југозападниот плански регион“.
– Основна цел на проектот е да се зголеми конкурентноста на планските региони преку поддршка на малите и средните претпријатија и на претприемништвото во Регионот. Со реализацијата на планираните проектни активности се очекува зголемување на степенот на инвестиции што ќе овозможи креирање на нови работни места и задоволување на барањата и интересите на бизнис заедницата. Проектот, исто така, треба да го зголеми пристапот до информации и степенот на учество на приватниот сектор во носење на соодветни одлуки на локално и регионално ниво, објаснуваат организаторите на настанот од Центарот за развој на Југозападниот плански регион.
Се повикуваат претставниците од бизнис секторот да земат учество на втората од серијата работилници на која ќе бидат презентирани можностите за финансирање на приватниот сектор. Посебно внимание ќе биде посветено на програмите и мерките за финансирање од Фондот за иновации и технолошки развој на РМ и Програмата на Европската Унија – Хоризон 2020. Активно учество ќе земе и Агенцијата за поддршка на претприемништвото на РМ која ќе ја презентира Програмата за поддршка на претприемништвото, конкурентноста и иновативноста на малите и средни претпријатија во 2015.
Проектот е финансиран од Министерството за локална самоуправа и Програмата за развој на Обединетите Нации.
OhridNews