Македонската машка одбојкарска репрезентација е пред речиси сигурен пласман во осминафиналето на Европското првенство, откако вечерва во фуриозен стил ја забележа и втората победа, совладувајќи ја Црна Гора со 3-0 (25-22, 25-18, 25-20) во рамки на 2. коло во групата Ц која се игра во Скопје.

По стартната победа во средата над Данска (3-1), избраниците на селекторот Јошко Миленкоски атакуваа вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ на втор триумф во групната фаза со кој широко ја отворија вратата за пласман меѓу 16. најдобри европски селекции и место во осминафиналето кое ќе се игра во Бари.

Претходно денеска во рамки на групата Ц, Холандија ја совлада Чешка со максимални 3-0.

Македонските одбојкари утре од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ ќе играат против Полска, а во истиот термин во вторник противник ќе им биде Холандија, додека во завршното коло, в среда, ќе играат против Чешка.

Македонската одбојкарска репрезентација со шест бодови и сет – количник е второпласирана, а пласман во нокаут фазата ќе обезбедат четирите првопласирани репрезентации во групата Ц.

OhridNews

Фото: МИА