Македонија попладнево во Вараждин го совлада Катар со 39:34 (21:17) на отворањето на второто коло од главната фаза на Светското првенство во ракомет што се игра во Хрватска, Данска и Норвешка.
Македонската репрезентација го контролираше мечот од почеток до крај. Игравме разноврсно, мотивирано и фокусирано. На моменти непотребно го враќавме противникот во игра, што веројатно се должи на неискуство, но противникот немаше идеја како против добрата, брза и модерна игра на Македонија која оди кон добар пласман на Светското првенство.
Задоволен сум од начинот како овие момци играат и го носат дресот на Македонија, а истовремено не сум задоволен од грешките кои правевме бидејќи против посилни противници со такви грешки не може да се победи. Но имаме и глава и опашка, а младите играчи акумулираат искуство од настапот на Светско првенство што ќе ги издигне во своите клубови и ќе се се почувствува тоа во нивната игра, изјави за националниот сервис по натпреварот селекторот Кире Лазаров.
За ирач на мечот прогласен е Марко Митев кој натпреварот го заврши со 5 гола, но имаше исклучително влијание врз играта на Македонија. Кузмановски и Пешевски постигнаа по 6 гола, Костески 5, а со стопостотен учинок 3 од мечот го заврши Никола Маркоски кој два од трите гола ги постигна од центар на празен гол.
Со оваа победа Македонија со 4 бода за момент се искачи на 2 место во групата каде лидер е Франција со 6 бода и натпревар помалку кој ќе го одигра попладнево со Холандија. Второто коло во нашата група ќе го компелтираат Унгарија и Австрија.
Во последното коло од главната фаза Македонија ќе се сретне со фаворитот за највисок пласман на првенството, репрезентацијата на Франција.
Г.М.