Со погодокот на Пајазит Салиу во 88-та минута од натпреварот, екипата на Лабуништа го совлада тимот на Кораб со минимални 1-0 (0-0) и ја забележа првата победа во пролетната полусезона во Втората македонска фудбалска лига.
Со минималниот триумф „зелено белите“ ставија точка на серијата без победа и без погодок која траеше од почетокот на сезоната и се вратија на победничките патеки.
Првото полувреме изобилуваше со тактичка игра на средината од теренот. Први се заканија гостите. Ударот на капитенот Фуат Спахију заврши над голот. Домашните фудбалери се заканија преку Бојан Спикорски кој биеше покрај голот.
Во второто полувреме мечот комплетно се отвори. Гостите повторно ја имаа најубавата прилика за погодок, но Един Мерсовски место да пласира се одлучи силно да шутира и погреши. На спротивната страна Дарко Симјаноски се закани, а голманот на гостите Филип Лазаревски со добра интервенција и малку среќа успеа да ја зачува мрежата чиста.
Одлуката за победникот падна во 88-та минута. Спиркоски го проигра Салиу кој смирено во манир на голем стрелец прво ја прими топката, а потоа со силен удар го погоди спротивниот агол од голот на Кораб. До крајот, гостите притиснаа, но домаќините го задржаа водството и го освоија целиот плен во Струга.
Со победата и трите бодови Лабуништа ја зачува втората позиција, додека Кораб бодови ќе брка на следниот меч против лидерот на табелата, Струга Трим Лум.
OhridNews