Во Втората македонска фудбалска лига-запад следуваат финалните шест натпревари, кои ќе ги одгатнат сите дилеми околу пласманот на табелата. „Рибарите“ заедно со Велешта и Гостивар се борат за позицијата број два на табелата, која води во баражот за влез во Првата македонска фудбалска лига.

Охриѓани фазата да се биде или не од сезоната ја стартуваат на домашен терен, против кичевски Велазерими. Избраниците на Драган Бочески кикснаа мината рунда, ремизирајќи 1-1 со Кораб, затоа на дуелот со кичевчани немаат избор и мора да победат.

Велешта, овој викенд паузира, а Охрид има убава прилика да се доближи на еден бод и дополнително да ја вжешти борбата за втората позиција. Помеѓу второпласираната Велешта и четвртопласираниот Охрид се наоѓа Гостивар. Гостиварчани во 22-та рунда силите ќе ги одмерат со Кораб во Дебар.

Натпреварите од Втората МФЛ поради новите рестриктивни мерки се играат во 13 часот.

OhridNews