Без победник (2-2) заврши локалната дерби пресметка помеѓу Лабуништа и Струга Трим Лум во рамките од шестата рунда во Втората македонска фудбалска лига.

Дербито кое се одигра пред полни трибини во Струга понуди се` што може и треба. Фудбалерите за секоја топка се бореа до последниот здив, а публиката ги бодреше и им даваше ветар во крилјата.

Мечот подобро го отвори тимот на Струга Трим Лум која теренската иницијатива со гол ја круниса во 32-та минута преку Зија Мерџијан. Тој биеше од далечина, а еден дефанзивците ја закачи топката доволно да и го смени правецот и да заврши зад грбот на домашниот голман.

Пред крајот на првиот дел фудбалерите на Лабуништа го израмнаа резултатот. Офанзивецот Игор Клечкароски најпрво изнуди фаул, а потоа сам ја презеде одговорноста и не погреши матирајќи голманот на Струга Трим Лум.

Сликата на теренот не се промени во второто полувреме. Струга беше таа што го диктираше темпото. И како во првиот дел, иницијативата беше заокружена со погодок за ново водство. Овој пат стрелец беше Арбен Тафе кој со глава ја смести топката во мрежата после центаршутот на Фљамур Таири.

„Црвено белите“ после водечкиот погодок се повлекоа, а тоа им даде шанса на домаќините да нападнат. Офанзивната игра вроди со плод, а творец на изедначувачкиот погодок беше Клечкароски кој ја казни невнимателноста на потесната одбрана.

Во последните минути во главно се играше на средината од теренот, а ниту една од двете екипи не успеа да создаде шанса за трет погодок.

Струга Трим Лум го загуби првото место во Втората лига, додека Лабуништа со бодот се зацврсти на средината од второлигашката табела.

Мх.П.