Фудбалерите на Охрид, го освоија првиот бод сезонава во Втората македонска фудбалска лига ремизирајќи со Лабуништа (0-0) во локалното дерби од шестата рунда. Охриѓани со добрата претстава во одбрана и разноврсната игра во напад најавија излез од кризата и подобри времиња во второлигашката конкуренција.

Во ремито без голови најмногу се истакна дефанзивецот на Охрид, Мартин Лекоски. Охридскиот фудбалер за мечот без грешка беше награден од специјализираната страна за македонски фудбал која го вклучи во тимот на колото од Втората лига. Ова признание е награда за волјата и цврстиот карактер на охридскиот фудбалер кои ги покажа после лошиот одигран меч против истиот ривал во 1/8 финалето во Купот на Македонија.

Лекоски заедно со партнерот Дејан Велевски и бековите Наум Вељаноски и Љупче Трпески добро се справија со навалната линија во тимот на Лабуништа кој беше фаворит пред натпреварот. Вистинска штета е што нападот не беше на ниво да реализира една од приликите кои многу веројатно ќе беше доволно за победа.

Шанса за нови бодови на второлигашката табела „рибарите“ ќе имаат викендов на гостински терен против Вардар Форино.

OhridNews