Екипата на Лабуништа им се врати на победите во Втората македонска фудбалска лига-запад совладувајќи го Гостивар со 2-1 (0-1) на домашен терен во Струга.

Избраниците на Пепи Џигероски до трите бодови во пресметката со Гостивар во седмата рунда од второлигашката конкуренција стигнаа со пресврт во последните десет минути од мечот.

Гостите во 8-та минута од првата посериозна прилика го загрозија голот на домаќините и поведоа со 1-0. Младиот Шериф Реџепи избегна офсајд стапица и со одмерен удар во спротивниот агол го матираше домашниот голман Филип Лазерски.

Лабуништа со агресивни напади одговори на негативата. Очекувано, во офанзивната игра предничеше Антонио Каланоски, кој имаше и најубавата прилика за изедначувачки погодок. Охриѓанецот во редовите на Лабуништа добро проигра со Михајло Јакимоски и биеше, но на место беше голманот Ферат Рамани.

Во вториот дел, Гостивар комплетно се повлече на сопствената половина и го чуваше минималното водство. Прилики се редеа пред голот на Гостивар, но Лабуништа не успеа да изедначи. Напаѓачката игра вроди со плод во 77-та минута кога Сунај Хасан маестрално прими топка во казнетиот простр и со прецизен удар ја погоди мрежата за егал.

Изедначувачкиот погодок ја разбуди домашната публика а фудбалерите играа во транс. Атмосферата кулминираше во 86-та минута. Играчот за врска Петар Љамчевски од 16-ет метри пласираше во поблискиот агол и донесе водство за својата екипа.

Во завршните минути, гостите пробаа да постигнат втор погодок но домаќините ја задржаа минималната предност и стигнаа до драгоцени три бодови во трката за титулата во Втората МФЛ.

На мечот во Струга официјално деби како четврти судија имаше охриѓанецот Мишо Ѓорѓиоски, кој имаше полни рацете работа поради текот на настаните и позицијата на двете екипи на табелата.

Резултати 7.рунда:

Лабуништа – Гостивар 2-1

Вардар Форино – Охрид 4-1

Пелистер – Велазерими 3-1

Кадино – Кораб 3-1

Скопје – Дрита 0-1

Табела: Пелистер 16, Дрита 15, Лабуништа 14, Гостивар 11, Скопје 10, Велазерими 10, Вардар Форино 9, Кораб 7, Кадино 7, Охрид 1

OhridNews