–Дијалогот треба да изгради нова зона на толерантност, зона на универзален хуманизам полека отворајќи ја портата низ која ќе излезе религиозниот фундаментализам, истакна Валентина Божиновска, претседател на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи.
Учесниците на Конференцијата ги поздрави претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски кој исто така го истакна значењето на толеранцијата како исклучително прашање кога е во прашање религијата.
–Покрај разликите треба да постои разбирање и заемно почитување, затоа што независно конфесионалните различности, постојат повеќе заеднички нешта кои не поврзуваат, истакна Груевски.
Според министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа – Милевска, дијалогот е единственото и трајно решение на проблемите со кои се соочува денешнината.
–Благодарение на умешноста на комуникацијата, може да се победат, во вистинска хумана смисла на зборот и најмоќните непријатели, рече министерот за култура.
Поглаварот на Македонската православна црква г.г Стефан во обраќањето на форумот истакна дека во севкупното човеково живеење ништо друго не остава такви траги како делата на верата и културата родена во нејзини прегратки.
– Христијанската култура се потпира и твори низ верата, а нејзиниот морал врз принципите на љубовта. И добро е за секој народ во стремежот кон вистината и доброто да создава и гради врз религиозни основи, да уредува општества и да создава култура, но само врз потврдена вредност и посведочена вистина, истакна архиепископот Охридски и македонски Стефан.
Пред присутните се обрати и претседателот на Исламската верска заедница Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи кој истакна дека основа за успешен меѓурелигиски дијалог е почитувањето на човековите вредности кои се темелат на моралот, етиката, еднаквоста и рамноправноста.
На собирот се обрати и шефот на делегацијата на Светата столица, кардиналот Винко Пуљиќ, кој пред учесниците истакна дека повикот за дијалог на културите е апел за универзално братство, идеал што заедно го бараат сите луѓе на добра волја.
На Конференцијата во Охрид учествуваат над 300 претставници од сите религии од целиот свет, политичари, теолози и експерти кои ќе дебатираат на тема „Културата и религијата како нераскинлива врска меѓу народите“. Тридневната конференција ќе финишира со усвојување заеднчка Декларација.