На 8-ми Септември по повод Денот на независноста на Република Македонија во Охрид ќе се одржи Вториот воен атлетски маратон. Маратонот кој претставува дел од годишниот календар на активностите на Меѓународниот Совет на воените спортови (МСВС) се организира под мотото ,,Пријателството се негува низ спортот“ ќе се реализира во рамките на Охридскиот атлетски маратон кој секоја година традиционално се одржува во Охрид на овој ден, во организација на Атлетскиот Клуб од Охрид.
Воениот атлетски маратон ќе има регионален карактер, така што покрај припадниците на АРМ се очекува учество да земат преку 30 натпреварувачи, од армиите на Србија и Албанија. Денес, во 18.00 часот во Центарот за обука на вода на АРМ кај Билјанини извори, екипите кои учествуваат на воениот маратон ќе бидат построени каде е предвидено во присуство на Воениот оркестар, Заменикот на НГШ на АРМ генерал-мајор Насер Сејдини да им се обрати на натпреварувачите и свечено да го отвори маратонот.
Екипите кои учествуваат на Воениот маратон, заедно со останатите атлетичари од Република Македонија на 8 септември ќе трчаат на петеката во должина од 31 километар од Свети Наум до Охрид, при што стартот е предвиден во 10.00 часот на Свети Наум, а целта на плоштадот во Охрид.
ohridnews