Охридските средношколци, во текот на утрешниот ден повторно ќе излезат на протестен марш на улиците низ Охрид. Организаторите велат дека маршот има за цел да ги поттикне надлежните служби во Министерството за образование на дијалог и да ја анимира пошироката охридската јавност, за бојкотот на наставата и проблемот со државната матура.

-Според нашиот план, протесниот марш е планирано да започне околу 12 часот пред кругот на ОСУ „Св. Климент Охридски“, продолжувајќи по улицата „Димитар Влахов“, покрај општина Охрид, па по улицата „Македонски Просветители“, семафорите кај „Охридска Банка“, булевар „Туристичка“ до пресекот со улица „Абас Емин“, охридскиот пазар и улица „Македонски Просветители“. Крајна цел на маршот ќе биде бистата на „Св. Климент Охридски“, на градскиот плоштад, каде е планирано одредено задржување, во знак на почит спрема нашиот патрон и идеен учител. Се очекува маршот да заврши околу 14 часот, најавуваат од Младинска заедница од ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид.

Оттаму ги покануваат сите ученици, наставници, родители и граѓани, директно или индиректно засегнати од бојкотот на наставата, да го поддржат маршот.

Првиот протестен марш на охридските средношколци се одржа на 9-ти април 2015 година. Овој марш го поддржаа учениците од гимназијата „Св. Климент Охридски“, средното економско училиште „Св. Кирил и Методиј“ и мал дел од ЕМУЦ „Свети Наум Охридски“.

OhridNews