Ракометниот клуб Охрид, водејќи се по изреката „тимот што победува, не се менува“, ја продолжи соработката со тројца ракометари. „Старо-нови“ членови во охридскиот состав се чуварот на мрежата Јагош Брауновиќ, средниот бек Филип Кривокапиќ и десниот бек Денис Тот.
За црногорскиот голман следната сезона ќе биде трета во тимот на Охрид, додека Црногорецот Кривокапиќ и Хрватот Тот ќе ја „трошат“ втората сезона во охридскиот суперлигаш.
Задоволство од соработката имаше од двете страни. Немаше ниту една замерка, ниту една причина таа да се прекине. Затоа, одлучивме за нова соработка и заедно да продолжиме да се бориме за добри резултати на охридскиот клуб. Во најскоро време ќе ги договориме сите детали со преостанатите ракометари, кои го носеа охридскиот дрес минатата сезона. – изјавија од клубот.
Продолжување на договорот со тројцата интернационалци е втор потег на РК Охрид после предвременото завршување на сезоната. Првиот беше повлечен со парафирање на новиот договор со тренерот Раде Стојановиќ.
Во клубот следната сезона сигурно нема да биде Кристијан Анастасовски, кој направи трансфер во француски Анже.
OhridNews
Раде Стојановиќ и РК Охрид продолжуваат, останува желбата за излез во Европа