Новиот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Алеш
Пипан, ќе мора да почека на својот прв триумф на клупата на
жолто-црвените откако неговите играчи вечерва, во Литија, загубија и во
вториот подготвителен меч, овој пат од Словенија со 54-63. Вчера, пак,
бевме поразени од Украина во Домжале.

Но,
за разлика од вчерашниот дуел, избраниците на Пипан овој пат одиграа
многу подобри и беа рамноправен, а неретко и подобар противник во однос
на домаќинот на претстојното Европско првенство (ЕП). Македонските
кошаркари како да снемаа сила во второто полувреме во кој Словенците
направија серија 15-2 со која по подолго време дојдоа до предност
(61-53), која ја задржаа до самиот крај. За одбележување е фактот што
нашите репрезентативци постигнаа еден, единствен поен во последната
четвртина, без воопшто да реализираат од поле, што дефинитивно е најлош
учинок во досегашната историја на македонската кошарка.

Жолто-црвените
можат да жалат за пропуштената шанса за триумф против реномираниот
ривал со оглед на тоа што речиси 30 минути ја имаа контролата врз играта
и резултатот, а во повеќе направи имаа и двоцифрена предност. Но, во
четвтиот дел од играта нагло паднавме, шутот престана да не служи, а
одбраната ја загуби цврстината што противникот максимално го искористи
за да дојде до посакуваната победа.

 Ѓорѓи Чековски беше
најефикасен во нашиот тим со 13 поени, сите во првото полувреме, Војдан
Стојановски постигна 12 поени додека неговиот брат-близнак Дамјан
застана на 10 поени.

Двата порази по ред, сепак, не треба да
загрижуваат со оглед на тоа што на средбите против Украина и Словенија
настапивме без двајцата најдобри, Перо Антиќ и Лестер Бо Мекејлеб, како и
по само пет-шест тренинзи по почетокот на подготовките поради што
нозете на играчите се уште се тешки.

Македонската чета од утре го
почнува висинскиот дел од подготовките и тоа на словенечка Крањска гора,
а комплетирањето се очекува во првиот ден од август за кога е најавено
приклучувањето на Антиќ и на Мекејлеб на останатите репрезентативни
колеги. На враќање, следната недела, избраниците на Пипан ќе одиграат и
две пријателски средби против Хрватска и тоа во Славонски брод и во
Загреб.

Нашата селекција на ЕП во Словенија е во групата Б заедно со Србија, Црна Гора, БиХ, Литванија и Летонија.

„Мкд.мк“