Втор Нуркачки конгрес со меѓународно учество ќе се одржи во декември во Охрид, годинава посветен на прерано починатата легенда на нуркањето, Благоја Бежаноски, еден најдобрите нуркачи во Македонија.

Од Kлубот за подводни дејности „Охрид“ кои се организатори на истиот велат за разлика од претходната година кога акцент беше ставен на клубовите кои имаа свои презентации годинава акцент е ставен на нуркачот без разлика дали е инструктор, почетник, курсиста итн.

Секој има право да ги каже проблемите, предизвиците, разочарувањата, очекувањата во нуркањето. Секој нуркач има право да пријави своја презентација, интересно нуркање, проблеми во нуркањето, презентација на нова опрема, ребридери, презентации на нуркања во странство, длабински нуркања, нуркања на интересни локација низ морињата и океаните, вели Д-р Горан Балески од Kлубот за подводни дејности „Охрид“.

На конгресот, потенцира ќе бидат поканети претставници на еколошки здруженија, Капетанија, спортки федерации и сојузи, а поканета е свое излагање да има и Симона Трповска за нејзиниот подвиг нуркање на длабочина од 117 метри.

И оваа година како и претходната излагање ќе имаат и претседателот на Сојузот за подводни активности на Македонија, Периклија Бешка како и Никола Исаилоски, а со свои презентации се поканети и нуркачките тимови од МВР и АРМ.

Конгресот има една единствена цел дружење, размена на искуства, унапредување на нуркачкиот спорт во Македонија и нормално зимско нуркање во Охридското Езеро. Терминот е намерно на крајот на декември пред Нова година и оваа година наш предлог е поставување на елка со лого на сите клубови од Македонија на градското пристаниште каде ќе се одржи и заедничко нуркање во недела, 17 декември, додава Балески.

Вели дека се надеваат одржувањето на ваков Конгрес да прерасне во традиција каде ќе се среќаваат сите нуркачи од Македонија без разлика на кој клуб, на која асоцијација припаѓаат или самостојно нуркаат и го промовираат македонското нуркање насекаде низ светот.

OhridNews

фото. Архива