Нуркачи од низа клубови од државава како и од трите клуба од Охрид, припадници на специјалните единици Тигри и Волци, претставници од Капетанија на пристаништа, полициските станици, претставници за хипербаричната медицина, разменија искуства за безбедно нуркање на Вториот конгрес на нуркачи кој денес се одржа во Охрид во организација на Kлубот за подводни дејности „Охрид“.
Годинава Конгресот беше посветен на прерано починатата легенда на нуркањето, Благоја Бежаноски, еден најдобрите нуркачи во државава.
Имавме многу интересни теми. Најголемите предизвици за нуркачите се хипербаричната комора, опремата, нуркање на специфични локации. Беа опфатени излагања за нуркањата што ги изведуваат специјалните единици Тигри и Волци, нуркање од Врело, нуркање со користење водород, заштита на Охридско Езеро и рибниот фонд. Специјално беше поканета и Симона Трповска за нејзиниот подвиг нуркање на длабочина од 117 метри. Се надеваме дека и наредните години ќе продолжиме со исто темпо, рече Д-р Горан Балески од Kлубот за подводни дејности „Охрид“.
Нуркањето, подводната медицина и хипербаричната оксигенација се нераскинлив дел, вели Ристе Балески, од Хипербаричниот центар во Скопје.
Поврзаноста на нуркањето и хипербаричната медицина е главно во третирање на нуркачките повреди и повреди од промена на притисок пред се декомпресиона болест и слично. Стоиме во пресрет на секој нуркач којшто недајбоже ќе има некаква повреда или направи некоја повреда при промена на притисок и при нуркање. Хипербаричната комора служи тој нуркач да се третира за да заврши со позитивен исход. Затоа и целата наука се вика подводна и хипербарична медицина бидејќи само во таа комора може да се третира нуркачка повреда и да се излезе со позитивен исход. Покрај нуркачките може да се третираат и дијабетски проблеми, гангрени, сите состојби поврзани со нарушена циркулација, аутистични дечиња, акутна глувост и акутно слепило, тинитус и многу други состојби каде што имаме проблеми со недостиг на кислород, сите состојби каде зголемена доза на кислород ни дава успех, додава Балески.
Нуркањето со користење водород, предизвиците и придобивките пред присутните ги изнесе Љубомир Глигоров, технички нуркач од Скопје, кој околу 20 пати има нуркано со користење на водород, при тоа потенцирајќи ја поефтината цената, но и резервите со хелиум кои се исцрпливи и се очекува да бидат се потешко достапни следните години.
Најголемата придобивка од нуркањето со водород е тоа што на длабочина од 150 метри при нуркањето со хелиум се јавува синдром на висок притисок, а според моите истражувања и сите други направени до сега, нуркањето со водород на оваа длабочина во целост ќе го анулира ризикот од овој синдром. Бидејќи водородот има одреден наркотичен потенцијал со коефициент од 0,55, а хелиумот е скоро 0 се верува дека овој синдром токму поради ова ќе биде спречен. Ниеден обид мој досега не е направен на екстремна длабочина, бидејќи не постои сеуште декомпресионен модел за нуркање со водород. Ги имам контурите на тој модел и безбедно сметам дека можам да нуркам грубо до 130 метри. Но, времето ќе покаже дали сум во право. Користам слична метода како нуркање со хелиум и сметам дека е доволно сигурно од причина што растворањето на водородот при дишење во телото е многу помал отколку хелиумот. Токму поради ова сметам и дека водородот има иднина во длабоките нуркања, додава Глигоров.
Видовите риби во Охридско Езеро, освртот на факторите кои влијаат на намалување или зголемување на одреден вид риба, но и препораките за нуркачите и нивниот придонес во детектирање на одредени видови ги изнесе потпретседател на здружението на ЗРР СК „Свети Апостол Петар“, Димче Мајкоски.
Препорака за нуркачите е да ги препознаваат видовите риби. Ако приметат некој вид на риба кој е необичен или не го познаваат, потребно е да го уловат, да го сликаат или да го снимат- видео материјал и да го достават до институциите. Две овластени институции во Македонија за рибарство и испитувања се Хидробиолошкиот институт во Охрид и Институтот за сточарство во Скопје, Одделение за рибарство. Со носењето на материјалот може да се стави и одреден вид риба која досега не е регистриран во регистерот. А без потврда од институциите нема да влезе одреден вид риба во списокот на риби за таа риболовна вода, додава Мајкоски.
Слободанка Јакимовска од Спелео нуркачкиот клуб „Врело“ од Скопје, истакна дека како клуб се вклучени во низа активности меѓу кои нуркање во пештери, еколошки акции, но и се единствениот клуб во државава кој има сертифициран инструктор за техничко нуркање и работат во насока да направат технички нуркачки центар во Скопје.
Сите ние сме поприлично пасионирани кон нуркањето, го сакаме нуркањето. Гледаме да ги направиме сите нуркања да бидат безбедни и по план, а тоа што ни фали е нормално опрема, финансии, проекти кои ќе бидат за подводниот свет, еколошки активности, дополнителни истражувања и на суви и подводни пештери. Се трудиме колку ќе успееме ќе видиме, додава Јакимовска.
Во рамки на Конгресот за утре планирано е нуркање и поставување плочка со ликот на Благоја во Трпејца.
Фото галерија:
Н.С.Ј.
Фото: Емил Јовановиќ