Од 25 до 28 мај во Охрид, во организација а општинскиот Црвен крст ќе се одржи вториот Аматерски Младински Театарски Фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“.
 
Целта на овој Аматерски Младински Театарски Фестивал е поттикнување на младите во градот Охрид за искористување на својот театарски потенцијал, креирање театарска игра и прикажување театарски претстави. Фестивалот е можност за промоција на работата на театарски надарените волонтери на Црвен крст Охрид, но и поттик за останатите да се приклучат и ги стекнат и негуваат вештините на актерството. Самиот фестивал ќе биде еден чекор напред во подигнување на театарската култура, не само кај младите, туку и кај останатите граѓани, а воедно претставува и почеток на културното лето во Охрид.

На овој четиридневен младински театарски фестивал, својот актерски талент, низ 5 театарски претстави ќе го прикажат преку 50 талентирани млади актери-аматери од организациите на Црвен крст од Охрид, Битола, Крагујевац-Србија, и Требиње-Босна  што воедно ќе отвори можност за сплотување на актерите-аматери од градот и соседните држави, соработка, размена на искуства и стекнување нови пријателства.

Свеченото отворање на фестивалот ќе биде на 25- ти мај, понеделник, во предворјето на црквата Св.Софија со почеток во 20:30 часот со прикажување на претставата „Деспина ќе ја грабиме…никој да не знае“ во изведба на театарската група на Црвен крст Охрид.

OhridNews