Објавен вториот јавен повик за финансиска поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти од потпрограмата АА за 2025 година со вкупен износ за средства до 15 милијарди денари. Повикот е објавен на веб страната на Владата и на Министерството за локална самоуправа.
Право да поднесуваат апликации и предлог – проекти имаат општините и општините во Градот Скопје кои можат да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, како и од областа на социјалната политика и образованието. Заинтересираните корисници ги поднесуваат апликативните формулари и комплетната проектна документација за јавниот повик од денот на објавување на овој повик, а најдоцна до 30 април 2025 година, информираше на денешната прес конференција министерот за локална самоуправа Златко Перински.
Распределбата на средствата, посочи, ќе се врши врз основа на два критериуми: резидентното население во општината согласно последниот попис и комплетата проектна документација со која би се гарантирала непречена реализација на истите.
Целта на овој отворен јавен повик е да се доделат средства на општините за проекти со чија реализација ќе се придонесе за унапредување на инфраструктурата на локално ниво со директен импакт врз зголемување на економскиот раст, развојот и зголемување на квалитетот на животот на граѓаните. Со реализација на овие проекти очекуваме значајни подобрувања во секојдневието на нашите граѓани, зголемување на економската активност, како и унапредување на инфраструктурните капацитети на самите општини во целата држава, истака Перински.
Апликативните формулари се доставуваат до Министерството за локална самоуправа – Комисија за постапување по јавен повик со пропратно писмо во кое е наведено со колку вкупно апликативни формулари се аплицира (за секој проект се пополнува посебен апликативен формулар).
Користењето на финансиските средства за инфраструктурните проекти на општините, ќе се врши врз основа на донесена Одлука од Владата на Република Северна Македонија, на предлог на надлежното министерство во соработка со Министерството за локална самоуправа, додаде Перински.
Меѓу проектите со кои на вториот јавен повик ќе аплицира Општина Охрид, а кои беа споменувани изминатиов период, се проектите за плоштадот „Крушевска Република“, катната гаража, како и проектот за Свињишки извори. На првиот јавен повик на Општината и беа одобрени средства за сите 10 инфраструктурни проекти со кои аплицираше.
Н.С.Ј.