Во рамки на програмата на овогодинешното издание на фестивалот Охридско лето, вечерва со почеток во 21 часот во црквата „Света Софија“ концерт ќе одржи врвниот руски пијанист Николај Лугански.

Лугански критичарите го опишуваат како пијанист со исклучителна префинетост и чувствителност, со „кристална убавина“ во свирењето слична на онаа што ја имале големите Моцарт и Шопен, како и виртуозност која потсетува на Рахмањинов и на Прокофјев.

Студирал на Московскиот конзерваториум во класата на видни професори – Татјана Кестнер, Татјана Николаева и Сергеј Доренски. Во текот на својата кариера настапувал во некои од најпрестижните сали во светот „Вигмор хол“ во Лондон, „Концертхаус“во Берлин, „Театр де Шанз Елизе“ во Париз, Големата сала на Московскиот конзерваториум, Големата сала на Филхармонијата на Санкт Петербург и други, а соработувал и со некои од најзначајните оркестри: Лондонскиот филхармониски оркестар, Чешката филхармонија, Рускиот национален оркестар, Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Симфонискиот оркестар на Сан Франциско, Филхармонијата на Санкт Петербург и др.

Покрај солистичката дејност, Лугански настапува и како камерен музичар заедно со Миша Мајски, Вадим Репин, Александар Књазев и др. Чест гостин е и на некои од најпознатите фестивали во светот, меѓу кои „Би-би-си промс“, „Ла рок дантерон“, „Рајнгау музик фестивал“, Интернационалниот фестивал во Единбург и многу други, а се јавува и како уметнички директор на „Тамбов Рахмањинов фестивал“. Добитник е на многубројни награди и признанија, меѓу кои и „Уметник на народот на Русија“ во 2013 година. 

OhridNews