Во рамки на овогодинешната програма на Охридско лето, вечерва со почеток во 21 часот во црквата „Света Софија“ концерт ќе одржи врвниот хрватски пијанист Иво Погорелиќ. Бидејќи билетите за овој концерт беа распродадени за два дена откако беше објавена фестивалската програма, фестивалот Охридско лето направи напор славниот пијанист да има дополнителен концерт кој ќе се одржи утревечер исто така во црквата Света Софија.

Со ваквиот сериозен, одговорен и професионален пристап, во интерес на нашата верна публика, ќе овозможиме сите заинтересирани да можат да бидат дел од овој настан. Голем е бројот на гости од странство кои специјално најавија дека ќе дојдат во Охрид токму поради концертот на Погорелиќ. Резервации има од Србија, Хрватска, Грција, Чешка, Албанија, Франција, велат од Охридско лето.

Музичките критичари го нарекуваат Погорелиќ, еден од најголемите и најконтроверзните пијанисти на своето време“, пијанист којшто во текот на осумдесеттите години од минатиот век ја фасцинира светската јавност со своите интерпретации на Шопеновата музика, но и на онаа од другите светски композитори.

Роден е во Белград, каде што на 7-годишна возраст започнува да го изучува пијаното. На 12 години заминува за Москва, каде што продолжува неговото школување. За неговиот талент тогаш, говорат големиот број награди и признанија што ги добива на интернационалните натпревари, како и „контроверзното“ учество на еден од најзначајните – Интернационалниот натпревар „Шопен“ во Варшава. Имено, во 1980 година, одлуката на жирито на овој натпревар да не го пушти овој млад пијанист да свири во финалниот концерт, поради неговата „изразито слободна интерпретација на авторскиот текст“, предизвикала бурна реакција кај публиката. Оттогаш тој непрекинато ја воодушевува публиката и критиката низ целиот свет.

Покрај изведувачката, значајна е и неговата општествена дејност. Во 1986 година, Погорелиќ основал фондација во Хрватска со цел да им помогне во понатамошното школување на младите музичари. Во Германија, пак, создава фестивал чија цел е промоција на млади музички уметници кои се на самиот почеток од својата кариера. Значајна е и неговата хуманитарна работа поврзана со донации на организацијата „Црвен крст“ и други невладини организации.

OhridNews