Прекрасните музички композиции на Франц Шуберт, Јоханес Брамс и Роберт Шуман во пијано изведба на еден од најистакнатите и најпознатите пијанисти во светот Аркадиј Володос, ќе има можност да слушне публиката на ексклузивниот концертот кој ќе се одржи вечерва во рамки на фестивалот Охридско лето.
Селекторот на музичката програма на фестивалот Гордана Јосифова-Неделковска вели дека Аркади Володос е името по кое ќе се памети 54-то издание на фестивалот Охридско Лето.
-Особено ми е драго што после неколку години договарање, конечно го имаме маестро Володос за прв пат на фестивалот и во Македонија. Володос е предводник на пијанистичката елита на денешницава, а неговото доаѓање значи вистинска гордост и почестеност за фестивалот. Овој „гениј“ со своето исклучително и неверојатно изведувачко мајсторство постојано ја придобива публиката низ целиот свет. Длабоко верувам дека неговиот концерт ќе биде посебен музички настан кој несомнено ќе остави длабоки траги во сеќавањата на публиката, изјави Неделковска.
Богатата изведувачка активност го носи овој уникатен пијанист во речиси секој дел од светот. Аркадиј Володос настапувал во Европа, Азија и Америка, каде соработувал со најеминентните оркестри, како што се Берлинската филхармонија, Израелската филхармонија, Минхенската филхармонија, Бостонскиот симфониски оркестар, Њујоршката филхармонија и други. Исто така остварил соработка и со најреномирани диригенти, меѓу кои Зубин Мехта, Лорин Маазел, Мјунг-Ван Чунг, Џејмс Левајн и многу други.
OhridNews