Врвни уметници, неповторливи концерти и интересни драмски остварувања ќе има можност да види публиката во рамки на овогодинешното издание на фестивалот Охридско лето.
По прекрасниот концерт на италјанските оперските ѕвезди Барбара Фритоли и Лео Нучи, со кој беше означен почетокот на фестивалот и вчерашното пијано матине на македонската пијанистка Елена Мисиркова, вечерва во црквата „Света Софија“ ќе настапи една од најистакнатите руски пијанисти Елисавета Леонскаја.
Музичката програма ќе продолжи со гудачкиот квартет „Моцарт груп“ кои ќе одржат концерт во рамки на Полската вечер на фестивалот. Од позвучните музички имиња, гости на Охридско лето годинава ќе бидат рускиот пијанист Аркадиј Володос, виолинистите Кирил Трусов и Немања Радуловиќ, виолончелистот Нарек Хакназариан, дуото „Кадеша“ од Албанија, камерниот оркестар „Св. Ѓорѓе“, гудачкиот квартет Јанкелиевич, ансамблот „Вариабиле“. Како поатрактивниа настани се најавуваат концертите на хрватскиот пијанист Максим Мрвица, израелската перформанс-група „Вока пипл“, како и целовечерниот концерт на кинескиот симфониски оркестар „Шенжен“.
На годинешната програма публиката ќе може да ја види и балетската претстава на Македонската опера и балет „14 часа“, како и целовечерниот концерт на фолклорниот Ансамбл за народни песни и игри „Танец“ , кој годинава прославува 65 годишен јубилеј.
Во драмскиот дел на ова фестивалско издание љубителите на театарската уметност ќе може да погледнат девет најнови продукции и две премиери.
Драмската програма ќе ја отвори претставата „Отело“ на битолскиот народен театар, по што следува претставата „Многу врева за ништо“ на Театар „Комедија“, а по неа праизведбата на претставата „Аферата Елсинор“ на Љубиша Георгиевски во изведба на МНТ. Во рамки на фестивалската програма своја премиера ќе имаат претставите „Ждрело“ на Драмскиот театар од Скопје и „Предавање“ на Албанскиот театар.
Од гостувањата во драмскиот дел на фестивалските сцени во Охрид ќе може да се видат комедијата „Како што милувате“ во изведба на театарот „Њу битом“ од Полска, „Његош и ја“ на Црногорското народно позориште, „Женидба“ од Гогољ во продукција на театарот „У-моста“од Русија. Фестивалот ќе го затвори претставата „Роденденот на господин Нушиќ“ во изведба на театарот „Звездара“ од Белград, а во режија на Душан Ковачевиќ.
OhridNews