Охридските млади музички таленти продолжуваат да се враќаат со грст освоени награди од одржаните натпревари. Деновиве во Битола се одржа регионален натпревар на кој охридските ученици освоија 4 први специјални награди, 12 први, 9 втори и 1 трета награда. Се натпреваруваа со ученици од музичките училишта од Битола, Прилеп и Гевгелија. Со тоа младите музички таленти од Охрид се пласираа за државниот натпревар кој од 23-25 Април ќе се одржи во Скопје.

Како и секогаш така и оваа година, но секогаш во поголем број, се надеваме дека нашите ученици со своите ментори ќе се претстават најдобро и ќе остават навистина добар впечаток  кај стручното жири составено од познати музички педагози од Македонија и во Охрид ќе се вратат со највисоките награди, вели директорката на ОМУ „ Методи Патче“, Нина Момировска.

Учениците од ОМУ „ Методи Патче“ на претходно одржаниот општински натпревар на кој беа пријавени 28 ученици, освоија 5 први специјални награди, 17 први, 4 втори, 1 трета награда и 1 диплома за учество. Првите и вторите освоени награди на општинскиот натпревар се пласираа за учество на регионалниот натпревар во Битола.