Топлата августовска вечер покрај Охридското Езеро од кое чудесно се рефлектираа зраците на месечината создавајќи речиси нестварен амбиент, синоќа во населбата Канео имаше посебна магија која беше надополнета со вкусовите на убавите македонски вина, кои беа презентирани на дегустацијата што се одржа во летната бавча и ресторан „Канео“.
Љубители на доброто вино уживаа во разни сорти вино произведено од македонски винарии кои се презентираа на настанот „Вински Тераси“ што за прв пат се одржа во Охрид, во организација на Македонската асоцијација на сомелиери.
Целта е квалитетното македонско вино кое несомнено го имаме да го вкусат туристите, но и да им биде претставено на еден сомелиерски начин, да им се објаснат нашите виногорја, самите сорти кои ги има кај нас, која храна одговара со нив. – изјави за OhridNews претседателот на Македонската асоцијација на сомелиери Звонко Херцог.
Звонко Херцог – Македонската асоцијација на сомелиери
Херцог вели дека Македонија има одлични вина. Според него, производството и воопшто винската култура кај нас квалитативно отскокнува од гастрономската и дека токму на тој сегмент треба повеќе да работи угостителскиот сектор.
Винопроизводството и гастрономијата се поврзани. Винскиот дел избега за неколку чекори и сега е на ред гастрономијата малку да го стигне виното, за да можеме да спакуваме еден комплетен туристички производ. Надвор кога одат нашите винарии се презентираат на еден поинаков начин којшто ние не го препознававме и тој начин го презентираме сега во Охрид, за да го видат домашните и странските гости тој начин на објаснување на вината, нивните карактеристики, како се евалуира квалитетот на вината, но и впарување со нашата домашна кујна. – истакна Херцог.
Што се однесува до винската култура кај нас, првиот човек на Македонската асоцијација на сомелиери вели дека се подобрува, а се прават и обуки, со цел да се создадат едуцирани лица кои ќе ги продаваат соодветно вината во угостителскиот сегмент, но не само таму, туку и во винската индустрија која се развива. Тука се присутни и странските школи за вина и жестоки пијалаци, како „Wine educator“, англиска школа која генерира квалитетни кадри со интернационално признати сертификати во целиот свет, додава Херцог.
Угостителите сфаќаат дека е важно доброто послужување на вино и соодветна комбинација со храната. Виното не може да ја расипе храната, а храната влијае дали тоа ќе биде претставено во полно светло или не. Многу од угостителите го знаат тоа, но го знаат површно, им треба малку повеќе едукација во тој дел. Што се однесува до начинот на служење на виното, на применр ако белото вино не се послужи на соодветна температура нема да ги добиеме посакуваните ефекти, и во тој дел треба уште едукација, за да разберат зошто е тоа важно. – рече Херцог.
Херцог истакна дека настанот „Вински тераси“ во Охрид ќе стане традиционален, а за следната година тој ќе биде проширен во два до три дена со повеќе винарници и ќе има продажен карактер.
Винариите не би имале некој голем бенефит од тоа, но целта е на туристите да им се овозможи да купат убаво македонско вино и да го понесат со себе како сувенир. – додава Херцог.
Претседателот на Македонската асоцијација на сомелиери смета дека Охрид има одреден туристички развој, но оти е потребно да се дефинира правецот и да се подобри гастрономската понуда.
Ресторанот „Канео“ е убав пример за тоа дека може да се излезе од „кутијата“ и да се понуди нешто поразлично. Треба да експериментираме, да воведуваме нови техники на готвење, нови понуди на квалитетни вина, по пристапни цени, да можат луѓето да уживаат и да го вкусат она што е Македонија. – рече Херцог.
Елена Каневчева Христовска – Шеф на кујна во летна бавча и ресторан „Канео“, вели дека тие со години работат на подобрување на квалитетот на понудата, на еден поинаков, инветнивен начин на подготовка на храната и услуга, што, како што вели, е препознаено од туристите и посетителите воопшто. Заедно со Шеф Влатко Огненовски, внимателно е изработено менито на летна бавча и ресторан „Канео“, кое значително се разликува од конкуренцијата.
На Охрид повеќe му требаат ресторани со вистински шефови и готвачи кои ќе подготвуваат квалитетна храна со природни продукти, автохтони од ова подрачје. Треба да се работи на едукација на персоналот, особено во кујна. Ние на сугестија на Шеф Влатко Огненовски воведовме кратко мени, сите јадења во понудата се свежи и се готват кога ќе бидат нарачани, гостите ни се позадоволни, но и ние сме позадоволни. – изјави Каневчева Христовска.
Шеф Елена Каневчева Христовска вели дека посетителите на летна бавча и ресторан „Канео“ се изненадени од понудата и квалитетот на кујната, а во нивните коментари на специјализираните веб сајтови ја споредуваат услугата со топ рестораните во Европа. Што се однесува, пак, до нивните забелешки за туристичката понуда на Охрид, во голем дел тие се однесуваат на едноличната, најчесто брза храна која се’ уште агресивно се нуди.
Плескавица, плескавица… имаме толку многу свежи локални производи, кои се неискористени, а се со врвен квалитет. Таков е примерот со охридскиот патлиџан и црешата кои воопшто не се искористени, а имаат огромен потенцијал. Странските туристи се пријатно изненадени од вкусот на патлиџанот, а со квалитетни состојки се готват квалитетни јадења. – истакнува Шеф Елена Каневчева Христовска.
Г.М.