Со грандиозниот театарски проект „Алиса во земјата на стравовите“ од Ева Махковиќ во изведба на Југословенски драмски театар од Белград, Република Србија, а во режија на еден од нашите најдобри режисери кој има светска слава, Александар Поповски вечерва на сцената на Антички театар ќе биде спуштена завесата на уште едно успешно издание на реномираниот фестивал „Охридско лето“.
Претставата „Алиса во земјата на стравовите“ е комплексно театарко парче, текст што говори за стравовите што ги носи минливоста, за времето што несопириливо гази, што се помалку го има…
Се почесто и почесто по периодот на короната почна да се користи зборот страв. Мислев дека би било многу интересно да се напише еден текст инспириран од Алиса, но овојпат не во земјата на чудата, туку во земјата на стравовите, затоа што за мојата генерација страв постоше но не на тој начин како оваа нова генерација го добива од сите страни. Особено за работи како што се успех или неуспех. Го понудив текстот во Југословенскиот драмски театар во Белград, со кој имам долгогодишна соработка, бидејќи ми се чинеше дека тоа е вистинскиот простор каде може да се направи таква претстава. Овој театар има своја историја која е фантастична и богата и таму биле секогаш собрани најдобрите глумци од некогашна Југославија, а и сега има врвни глумци, како што е екипата на оваа претстава, посочи режисерот Поповски на денешната прес-конференција свикана по повод вечерашната претстава.
Актерката Слобода Миќаловиќ што ја толкува кралицата во претставата рече дека оваа улога лично за неа отворила нови видици како глумица и генерално кога станува збор за театарот вооопшто…
Во театарот често ние глумците сами си создаваме некакви бариери, очекувања од нас, од режисерите…Александар тука успеа да ги урне тие бариери, убедувајќи не дека се она што сме го учеле на академијата, што е лик, може, но не мора…Кога ни рече да скокнеме во тој бунар и да пливаме, и бидете сигурни дека јас ве чекам долу и ништо страшно не може да ви се случи, тоа многу ми помогна и таа мантра секогаш ја изговарам пред секоја прва проба, прв кадар, тоа мене лино ми е значајно на повеќе нивоа, рече таа. Ликот мој е суровата страна на приказната, лик што не може да ја прифати минливоста, не може да поднесе некој да го заземе нејзиното место, наместо да го расчистува патот за младите, напротив, таа фрла трње, оган, камење… Тука има многу хумор, а кога е погледнете подлабоко тоа е навистина сурово… истакна таа.
Младата актерка Милена Радуловиќ која ја толкува главната улога на Алиса во претставата, од своја страна посочи дека темата е мошне интересна и актуелна, оттаму што говори за судбина на млада жена во сегашното време и искушенијата пред кои се наоѓа.
Сето тоа во време кога ни е наметнато како да мораме да бидеме се и тоа до 35-тата година. И успешни жени, и да се оствариме како мајки, и да се реализираме како деловни жени, целосно да ги дефинираме некаквите свои идеали…Тој период до 35-тата година секако е полн со разочарувања, наместнува ситуации што се далеку од идеализираните…Како минува времето што ја играм претставата, согледувам дека работите не се баш онакви како што сме ги замислиле, се повеќе наоѓам паралели во вистината и овој текст и со ликот што го толкувам, рече таа.
За Милан Мариќ денешницата наликува на време кога уметноста како да не игра никаква улога, кога времето како да не сака такви луѓе, време што ги офрла идеалите на уметноста за верба во слободата…
Обидот да се самопрепознае, човекот да се снајде во такво лудо време е секако предизвик, да се издржи таа промена на времето што не меле и да се преживее во тоа лудо време, тоа е универзалноста на приказната, тоа е приказна на секој од нас. Се надевам дека тоа ќе успееме да го пренесеме на публиката вечерва. Играњето на сцената каква што е Античкиот театар е спектакл сам по себе. Вчера на пробата режисерот нам ни рече дека имате се, дека се случува некаква магија. Имаше ситуација вчера кога доаѓа таа љубовна сцена, одненадеш над Античкиот се појавува полна месечина…Тоа не може да се изрежира внатре во театарот, како наеднаш да добивате некое над ниво… Затоа театарот преживеал 2500 години и секакви времиња, и така ќе биде и овојпат, рече Мариќ.
Актерската екипа ја сочинуваат и Небојша Љубишиќ, Радован Вујовиќ, Јована Беловиќ, Ива Манојловиќ, Тамара Сустиќ и Денис Муриќ. Претставата ќе биде изведена со почеток во 21 часот.
Н.С.Ј.