Деновиве по кој знае кој пат слушаме оптимистички најави дека ете конечно оваа година ќе се реализирала дамнешната желба на охриѓани да се изгради ски центарот Галичица. Убаво зошто да не. Но колку е тоа реално и блиско како што тоа  и се сервира на јавноста преку медиумите? Веста ја соопшти лично претседателот на ХОТАМ, Дончо Танески по средбата со премиерот Никола Груевски на која присуствувала и пратеничката Лилјана Попоска. Премиерот како што имавме прилика да чуеме искажал подготвеност да се направи се што може конечно да отпочне изградбата на зимскиот центар на Галичица.

Тоа несомнено треба да радува бидејќи во најмала рака ќе значи продолжување на туристичката сезона во Охрид и во зима, но дали идејата за која со години силно се зборува може туку така да се реализира и тоа оваа година. Веројатно постојат многу планови за изградба на зимскиот центар на Галичица. Изминативе години се изнаслушавме дека интерес да инвестираат на Галичица пројавуваат словенци, холанѓани, германци, финци….Се спомнуваат модерни жичници од Пештани кон Галичица, изградба на туристички комплекс на врвот од планината и што ли уште не. Сето тоа убаво звучи и сигурно не е неизводливо, но во сегашната ситуација Охрид е сеуште далеку од зимска сезона. Недостига инфраструктура, а патот кон Галичица кој редовно е затворен во зима е опасен и не одговара на потребите. Само за негова реконструкција и одржување се потребни милиони евра и веројатно уште толку за уредување на просторот на Галичица. Таму освен природните падини нема други уредени терени, нема туристички содржини. Веројатно заинтересираните инвеститори го имаат сето тоа во своите планови, но не чувме кој кога и што ќе прави на Галичица, освен подготвеност на државата да направи се што е во нејзина моќ да овозможи да се привлечат инвеститори на Галичица. И тоа се разбира е нешто и за поздравување. Но, дали декларативната заложба на надлежните институции и нескриениот оптимизам на хотелиерите можат да се протолкуваат како конкретна иницијатива, особено поради фактот што вакви приказни во изминатите неколку години се изнаслушавме и премногу. Се надеваме дека овој пат тие се вистински и дека годинава нешто ќе се случи на Галичица. За почеток не е лошо да се оспособи  единствениот  пат кој води до Галичица за да може заинтересираните инвеститори да ги видат прекрасните убавини на оваа планина во зима.

Горан Момироски