Според последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи, извршени утрово, нивото на Охридското Езеро се наоѓа на 693,52 метри надморска височина, што е за 17 сантиметри повеќе во споредба со првата половина  од мај (693,37 м.н.в.). Иако езерското ниво значително е подигнато, тоа е се’ уште под просекот за месец јуни, кој изнесува 693,67 м.н.в.

Зголемо е и нивото на реките во сливот на езерото. Според денешните мерења нивото на реката Сатеска кај Ботун сега е само 8 сантиметри под просекот за јуни, за разлика од првата половина на мај кога нивото на оваа река беше 38 сантиметри под просекот. Во пораст е нивото на реката Црн Дрим, која и натаму е во лоша хидролошка кондиција и сега се наоѓа на 54 сантиметри под просекот за овој период од годината. Во средината на месец мај нивото на Црн Дрим беше 91 сантиметар под просекот.

До крајот на денот ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, попладне на места со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со грмежи, засилен ветер и појава на град. Стабилизација на времето се очекува од утре. Утринските и дневните температури ќе бидат во пораст.

OhridNews