Македонската пливачка четворка (Томи Стефаноски, Евгениј Поп Ацев, Александар Илиевски и Александар Панчевски)на маратонот во Охрид не успеа да стигне до пиедесталот иако тоа силно го посакуваа. Најблиску до медал беше Евгениј Поп Ацев, но во фотофиниш загуби од рускиот пливач, Иван Афоневиќ во борбата за бронзеното одличје.

– Тоа е маратонското пливање тоа е спортот често се случуваат такви работи во финишот. Малку сум разочаран околу пласманот, но генерално задоволен сум како ја испливав целата трка. Во спортот мора некој да изгуби, за жал овој пат тоа бев јас – потенцираше Евгениј Поп Ацев, кој на маратонот во 2011 се пласираше на третата позиција.

Најискусниот маратонец во македонската експедиција Томи Стефаноски, кој за тренер во чамецот го имаше 11-краниот првак на Охридскиот маратон финишираше веднаш зад Поп Ацев на петтата позиција.

–  Трката беше феноменална имаше група од десеттина пливачи од која секој можеше да изненади, а тоа и се случи со триумфот на Аксел Рејмонд. Во трката влегов без калкулации и пред себе го гледав само првото место. Долго време го пратев францускиот маратонец, но тој наметна пеколно темпо и заслужено се најде на победничкиот пиедестал. Да калкулирав можеби ќе имав сила и енергија да се искачам некое место погоре, но сепак на моите 42 години да се одржи вакво темпо не е мала работа – рече Томи Стефаноски, кој по 14 пат го преплива маратонот во Охрид.

Победникот во Охрид на Илинденскиот пливачки маратон, Александар Илиевски една третина ја предводеше групата пливачи, а потоа кризата и неприкосновената борба во водата го потисна неколку места поназад.

–  Да се плива рамо до рамо со Светската пливачка елита е голема чест за мене. На маратонот во Охрид допатуваа сите врвни пливачи затоа јас стартував без никаков респект бидејќи знаев дека конкуренцијата е голема. Околу 12 километри ја предводев групата, потоа ме фати мала криза, а кога се повлеков на средина следеа неколку удари во водата по што имав големи болки. Останатите пливачи го зголемија темпото, јас продолжив со истото и затоа беше разлика толку голема – истакна Илиевски.

Временските прилики за време на 27-то издание на Охридскиот пливачки маратон беа променливи, а тоа беше најголема пречка за Александар Панчевски за добар резултат и солиден пласман.

– Оваа година очекував дека ќе испливам подобро од моите пет настапи претходно, но временските услови не беа баш најдобри. Водата од брановите се измеша, на моменти беше ладна, па нечиста, а брановите ми беа најголем противник. Баш кога сакав да го кренам темпото тогаш ме стигнаа брановите и мораше да се борам против нив место да итам кон групата пливачи – смета Панчевски.

Од гран при серијата останува уште маратонот во Капри, Наполи, Италија каде што Поп Ацев и Стефаноски ќе се борат за Светска круна со Аргентинецот, Дамиан Балум, кој немаше забележителен пласман на охридскиот маратон.