Во јавниот сектор времено се забрануваат новите вработувања, нови ангажирања преку агенции за привремени вработување и нови договори на дело, освен за ангажирања на соодветен кадар во здравствениот сектор и во други сектори кои се во насока на справување со последиците од коронавирусот. Одлуката вечерва ја донесе Владата на продолжението од 32 седница

За сите трајно испразнети работни места (пензионирања и други заминувања по различни основи) да нема прием на нови вработувања. Доколку се утврди неопходност за пополнување на некое работно место, истото да се пополни од институции каде што има суфицит, а доколку нема таков кадар по институциите, за ангажирање на лицата да одлучува Владата. Да не се стопираат веќе почнатите постапки за вработувања, за кои има согласност од Министерство за финансии. За издадените согласности за кои не се започнати постапки за вработувања да не се започнуваат. – соопшти Владата.

Владата одлучи расходите за репрезентации, спонзорства и реклами да се сведат на минимум во јавниот сектор. Колективниот договор за култура во кој се регулирани сите права се пролонгира до крајот на оваа година, а на вработените во јавниот сектор нема да им се доделува регрес за годишен одмор во 2020 година, и нема да се реализираат другите права од Општиот колективен договор за јавниот сектор за тековната година.

На оваа седница, Владата усвои повеќе уредби за намалување на непродуктивни расходи поради справување со здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот Ковид 19, како што се набавки на мебел, опрема и возила, кои суштински и директно не се поврзани со справување со актуелната состојба. Им се сугерира на општините, јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост и останати субјекти во јавен сектор да ги почитуваат донесените мерки за намалување на расходите, како и да се воздржат од помалку суштинските расходи кои не придонесуваат во справувањето со коронавирусот.

OhridNews