– Сечењето на големите дрвја нема врска со проширувањето на рекреативната патека кое се врши согласно ГУП. Над колекторот ќе се постави тампон после што ќе се асфалтира или ќе се постават бекатон коцки со цел да го издвоиме сообраќајот од рекреативците. Во перспектива тука има доволно простор оној панаѓур од тезги што ни се случуваше во чаршијата и на плоштадот да ги изнесеме надвор од градот, изјави градоначалникот Александар Петрески, посочувајќи дека на тој простор не е предвидена изградба на хотели или други објекти.
Поставувањето на урбана опрема покрај рекреативната патека за што деновиве почнаа одредени подготвителни работи е неприфатливо за концесионерите на плажите, кои сметаат дека со тоа општината им создава нелојална конкуренција. Загрижени се и екологистите, кои предупредуваат дека со сечењето на зеленилото се уништува природната одбрана на градот.
–Еден хектар зелен појас има моќ да апсорбира 40 тони прашина, а огромна улога зеленилото има и во ублажувањето на големите ветрови, но пред се во исушувањето на самата почва особено што делот каде што се засадени изобилува со вода, вели инж. Лазо Наумоски. Според него дрвјата покрај рекреативната патека не треба да се сечат, посочувајќи дека тоа е уште еден голем еколошки проблем на локалната самоуправа.
Студенчишкото блато долги години го меркаат моќните градежни компании, чии апетити се зголемија со урбанизацијата на атрактивното крајбрежје крај рекреативната патека и плажата Горица, каде деновиве во тек е уривањето на хотелот Парк. Тука според најавите ќе се гради комплекс апартмани кои се очекува да достигнат цена помеѓу 2 и 3000 евра за метар квадратен. Со пренамената на просторот што за кусо време ја одобрија Министертсвото за транспорт и општината, охриѓани стравуваат дека ќе останат без познатата плажа која беше една од последните слободни плажи на крајбрежјето.