Времен режим на сообраќај ќе биде воведен во недела за време на одржувањето на главниот настан односно трките од шестото издание на „Охрид трчаТ“. Оваа година ќе трчаме по шести пат низ улиците на Охрид, а истите ќе бидат исполнети со тркачи кои ќе ја имаат честа да трчаат по една од најубавите патеки во светот, велат огранизаторите.
Охрид како туристички град ќе имате можност за време на целиот викенд да го видите во едно поинакво светло со многу позитивна енергија, исполнет со 1300 тркачи од 18 држави од светот. Ве повикуваме да бидете дел од нашата визија и заедно да покажеме почит и разбирање кон сите оние кои одлучиле да дојдат во Охрид да трчаат и уживаат во неговите убавини. Ве молиме да имате разбирање и да го почитувате времениот сообраќаен режим. Станува збор за едно утро, односно за најмногу 3 часа, потенцираат.
Воедно упатуваат молба до сопствениците на возилаистите да ги паркираат на соодветно место, од каде ќе можат да ги користат доколку имаат потреба во тој период и да ги почитуваат насоките на редарите, волонтерите, судиите, сообраќајната полиција и поставената сигнализација.
За време на манифестацијата, во периодот од 8 до 11 часот ќе бидат затворени за сообраќај улиците „Кеј Македонија“, „Македонски Просветители“, „Партизанска“, „Јане Сандански“, „Димитар Влахов“, „Мите Богоевски“, „Даме Груев“, „Туристичка“, „Абас Емин“, „Кирил и Методиј“, „Илинденска“, „Коста Абраш“, „Св. Наум Охридски“, „Кузман Јосифовски“ и патека Студенчишта.
Како алтернативни паркинг простори организаторите на настанот ги посочуваат паркингот кај Горна Порта, позади Центарот за култура „Григор Прличев“, како и просторот кај поранешниот спортски полигон.
Ве молиме вашите возила да ги паркирате на соодветните места пред утрото на 5 јуни бидејќи во спротивно, доколку истото не е паркирано согласно сообраќајните насоки и препораки ќе бидеме приморани да го дислоцираме во сорабтока со сообраќајната полиција и пајак службата при ЈП „Охридски Комуналец“, додаваат организаторите.
Инаку, главниот настан на шестото издание на Охрид трчаТ ќе се одржи на 5 јуни во недела кога се предвидени двете трки. Стартот на трката на 21к е во 08:30 на Кеј Македонија пред хотел Палас, додека стартот на трката на 5к е во 08:35 на истата локација.
Предвидена е богата викенд програма почнувајќи од 3 јуни кога е планирана и ноќната рекреативна трка во должина од 2км со старт во 21 часот на патека Студенчишта во близина на кафе бар Куба Либре.
OhridNews